Само 1,4 милиони евра странски директни инвестиции влегле во земјава во септември годинава, говорат најновите податоци на Народна банка на Македонија. Притоа, странците во септември вложиле 13,6 милиони евра како акционерски капитал и реинвестирана добивка, а нашите компании овде добиле и заеми од своите фирми-мајки, од 10,4 милиони евра. Но, затоа овдешните претпријатија ги кредитирале своите матични компании во странство со 22,6 милиони евра, така што нето-ефектот на странски инвестиции во септември е минимални 1,4 милиони евра. Со тоа септември е втор најслаб инвестициски месец, по април, кога е забележано одлевање на 9 милиони евра. Вкупно, пак, во првите девет месеци од годинава, земјава станала домаќин на 183 милиони евра СДИ. Ова би бил збунувачки податок доколку се има предвид дека за осум месеци сумата на вкупни вложувања (според тогашните бројки на централната банка) изнесуваше 157,3 милиони евра, а сега, со нови инвестиции од само 1,4 милиони, таа се искачила до 183 милиони.
Само 1,4 милиони евра странски директни инвестиции влегле во земјава во септември годинава, говорат најновите податоци на Народна банка на Македонија.
Притоа, странците во септември вложиле 13,6 милиони евра како акционерски капитал и реинвестирана добивка, а нашите компании овде добиле и заеми од своите фирми-мајки, од 10,4 милиони евра. Но, затоа овдешните претпријатија ги кредитирале своите матични компании во странство со 22,6 милиони евра, така што нето-ефектот на странски инвестиции во септември е минимални 1,4 милиони евра. Со тоа септември е втор најслаб инвестициски месец, по април, кога е забележано одлевање на 9 милиони евра.
Вкупно, пак, во првите девет месеци од годинава, земјава станала домаќин на 183 милиони евра СДИ. Ова би бил збунувачки податок доколку се има предвид дека за осум месеци сумата на вкупни вложувања (според тогашните бројки на централната банка) изнесуваше 157,3 милиони евра, а сега, со нови инвестиции од само 1,4 милиони, таа се искачила до 183 милиони. Но, ако се спореди најновата со претходната табела, се доаѓа до заклучок дека НБМ ги ревидирала показателите за сите претходни месеци, при што главно има зголемување на влезените инвестиции.
Последните владини проекции за тоа колку годинава во земјава ќе влезат странски инвестиции, неодамна на јавноста и' ги претстави министерот за економија, Ваљон Сараќини, кој очекува вкупно околу 200 до 250 милиони евра странски капитал. Со досегашните 183 милиони, овие предвидувања е можно да се остварат, со оглед на тоа што остануваат уште три месеци за пресметка на инвестициите до крајот на годинава. Во тој период некои странски капацитети веќе стартуваа со работа, а доколку се појават и неколкуте инвеститори што ги најави Владата, тоа би имало уште поголем позитивен ефект. Сепак, Владата на стартот на годинава очекуваше околу 400 милиони евра странски вложувања. Во последно време зачестија и одредени критики, во смисла дека на странските компании кои работат во слободните зони им се даваат големи бенефиции, кои се сосема недостапни за домашните бизнисмени, чии вложувања исто така не се воопшто за потценување. Од Владата, пак, возвраќаат дека стимулациите за странските компании се во согласност со законите во земјава, како и дека крајните инвестициски ефекти нив сосема ги оправдуваат.
Каква е структурата на инвестициите влезени од јануари заклучно со септември? Од вкупните 183 милиони евра, околу 97 милиони евра се акционерски капитал и реинвестирана добивка. Експертите велат дека тоа се, всушност, оние средства што влегуваат како директен влог од странските компании, и всушност за нив е многу покомлицирана процедурата за повлекување во странство. Додека, пак, 95,6 милиони евра отпаѓаат на обврски. „Тоа се приливи на пари кои нашите фирми овде, односно ќерките, ги зеле како кредит од своите странски сопственици, односно од фирмите-мајки. И тие средства нашите компании треба да ги вратат. Тие имаат и формален договор за кредит со своите мајки, во кои е утврден и рок до кога ќерките треба да го вратат заемот кон мајките“, објаснуваат експерти кои ги познаваат состојбите за „Утрински“. Кај овие средства е многу полесна постапката за нивно повлекување во странство, па можеби и затоа многу голем дел од своите инвестиции странските компании во последно време ги инвестираат на овој начин, во форма на кредити, коментираат експертите. Додека, пак, 9,7 милиони евра се побарувања, односно заеми кои овдешните компании ги дале на своите странски мајки, и по таа основа од нив побаруваат средства.
Според последните ревидирани месечни податоци, во јануари во земјава влегле инвестиции од 36 милиони евра, во февруари 24,4 милиони, во март 20,2 милиони, во април минус од 9 милиони, во мај влегле 18,1, во јуни 22,7, во јули 35,3, во август 34 и во септември 1,4 милиони евра.
Инаку, за цела мината година НБМ измерила странски инвестиции од 72 милиони евра. Во последниве години со најдобар инвестициски исход може да се карактеризира 2011 година, со 336,8 милиони евра, откако во 2010 дојдоа 160, а во 2009 година 145 милиони евра СДИ.